Неверојатен подвиг на Тони Манев: Штипјанецот истрча 390 километри низ Швајцарските Алпи за повеќе од 162 часа!

Ултрамаратонецот Тони Манев од Штип уште еднаш покажа дека човечките граници постојат за да бидат поместувани. Тој успешно го заврши еден од најтешките планински ултрамаратони во Европа, совладувајќи 390 километри на патеката што води од Лихтенштајн до Франција, низ суровите предели на Швајцарските Алпи.
Патеката, чија вкупна должина изнесува речиси 400 километри, носи и неверојатни 25.000 метри вкупно висинско искачување, што претставува огромен предизвик дури и за најподготвените светски ултрамаратонци.

Манев трката ја заврши за 162 часа, 20 минути и 24 секунди, а според официјалните резултати го освои 181. место во генералниот пласман, односно 161. место во машка конкуренција.
Со овој подвиг, штипскиот ултрамаратонец уште еднаш го потврди својот квалитет, издржливост и спортски дух, достојно претставувајќи го Штип и Македонија на една од најекстремните планински трки во светот.
Ова е уште еден доказ дека со силна волја, дисциплина и огромна физичка и психолошка подготвеност можат да се совладаат и најголемите спортски предизвици.