
Второлигашите продолжуваат со активности на трансфер пазарот со цел екипирање и подигање на квалитетот во сопствените редови за новата сезона која започнува на 15 август.
Кожуф засега е со две нови имиња, иако се водат преговир за уште неколку засилувања, па се очекува во следните денови и официјализирање на неколку трансфери.
Повратник во редовите на Кожуф е искусниот голгетер Сашко Дуков, кој се враќа од редовите на Детонит Плачковица, а ново име е и Марио Симоски кој доаѓа од редовите на Осогово.
Новаци претстави уште едно засилување, се работи за дете на Пелистер, се работи за Стефа Спировски, 20-годишен фудбалер кој може да игра како десно крило и десен бек, што ќе биде опција за ротација за штипскиот тренер Иван Варадиновски.
Спировски одново се враќа во дресот на Новаци кој го носеше и во минатото, а ланската сезона настапуваше за второлигашот Преспа од Ресен, кој испадна во Трета лига регион 5.
Новајлијата во Втората лига, Камјани се засили со Аљбан Мемеди кој доаѓа од редовите на штипска Брегалница, каде со „сините“ успеа да обезбеди влез во Првата македонска фудбалска лига.
Низ неговата кариера беше дел од Кожуф, Башкими, Воска Спорт, Детонит Плачковица, тетовска Шкендија, а како младинеци играше и за Куманово Еуроспорт и Милано Куманово, а меѓународна кариера градеше во Лирија од Косово.
Мемеди игра како централен напаѓач, а може да игра и како лево крило и носи прволигашко искуство во редовите на Камјани.
Охрид го промовираше Дамјан Масевски кој пристигна од прволигашот Брегалница од Штип. Се работи за искусен голгетер кој е повратник меѓу „рибарите“, а во својата кариера покрај за Охрид и Брегалница настапуваше и за Кадино, Тетекс, Силекс, Пелистер и Детонит Плачковица.
Со Брегалница, Масевски стана шампион во Втора лига и обезбеди промоција со „сините“ во елитата.
Христијан Поп-Антоски се раздели со Осогово по одличната сезона во дресот на „жетварите“ со што ќе бара сега нова средина каде да ја продолжи кариерата. 22-годишниот лев бек од Прилеп зад себе има сезона со пет погодоци и осум асистенции.
Низ неговата кариера беше дел од Победа кој е негов матичен клуб, Братство, Македонија ЃП и Детонит Плачковица од Радовиш.
Новата сезона во Втора лига започнува на 15 август, а пак Прва лига на 25 јули, додека пак летниот преоден рок е отворен до 6 септември.
Александар Ванев, М-Нет