Пролет се повлече од Супер лигата, ќе игра во Првата ракометна лига

ФОТО: РК Пролет 62

Ракометниот клуб Пролет се повлече од натпреварување во Супер лигата и се сели во Првата лига за следната сезона, а причината поради која ова одлука ја носи скопскиот клуб е тоа што завршил договорот со долгогодишниот спонзор, за што како што посочуваат донеле тешка, но одговорна одлука за да се повлечат од натпреварување во Супер лигата за претстојната сезона.

„Ракометниот клуб Пролет 62 ја известува јавноста дека, поради завршувањето на договорот со нашиот долгогодишен и ценет генерален спонзор, донесовме тешка, но одговорна одлука да се повлечеме од натпреварувањето во Супер лигата за претстојната сезона. Оваа одлука не е донесена лесно. Напротив, таа е резултат на внимателна анализа и единствено со цел да се зачува стабилноста и иднината на клубот. Веруваме дека во овој момент најодговорен чекор е да не преземаме финансиски обврски кои не би можеле целосно и навремено да ги исполниме. РК Пролет 62 останува посветен на својата мисија – развојот на младите ракометари и продолжување на традицијата која клубот ја гради веќе 64 години. Клубот ќе продолжи да се натпреварува во Првата лига, а во наредниот период наш главен приоритет ќе биде пронаоѓање нов генерален спонзор кој ќе овозможи повторно враќање во Супер лигата и продолжување на успесите што заедно ги создававме. Воедно, упатуваме искрена и огромна благодарност до нашиот досегашен генерален спонзор за долгогодишната доверба, поддршка и несебична посветеност, благодарение на која РК Пролет 62 со години успешно се натпреваруваше и остана дел од највисокото ниво на македонскиот ракомет. Неговиот придонес во одржувањето и развојот на клубот ќе остане трајно запишан во историјата на РК Пролет 62. Исто така, им благодариме на сите наши навивачи, пријатели, играчи, тренери, родители, соработници и на сите кои во изминатите 64 години беа и остануваат дел од семејството на РК Пролет 62. Уверени сме дека ова е само еден тежок период кој, со заедничка поддршка и нов партнер, ќе го надминеме и повторно ќе го вратиме Пролет таму каде што припаѓа“, велат од клубот.

Пролет минатата сезона настапуваше во плеј-аут и обезбеди опстанок во Супер лигата, но сега по оваа одлука останува испразнето едно место, кое ќе треба да се пополни со некоја екипа, а за што има опција и Струга да остане во елитното друштво иако во баражот загуби од Младост од Богнданци и испадна во Првата лига. Во следниот период Ракометната федерација на Македонија ќе треба да носи одлука што и како би било со испразнетото место откако Пролет одлучи да се повлече од натпреварување.

Претходно, од женската Супер лига од натпреварување се повлече и Астибо поради финансиски проблеми, за што одлучи штипскиот клуб да игра во Првата лига, а градот под Исарот остана без суперлигашки ракомет во женска конкуренција.

Александар Ванев, М-Нет