Љутков: Фактите од ребалансот на Буџетот се јасни и проверливи

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков реагира на изнесените тврдења во дискусијата на седницата на Комисијата за ребалансот на Буџетот, оценувајќи дека тие не кореспондираат со официјалните буџетски документи.

„Во политиката постојат различни толкувања, но фактите не се прашање на толкување. Во официјалниот ребаланс не постојат тврдењата дека средствата за кадровско зајакнување и инспекцискиот надзор се пренаменуваат за канцелариска опрема, ниту, пак, дека се намалуваат средствата за Агенцијата за филм или за капиталните инвестиции“, истакнува Љутков.

Тој нагласува дека со ребалансот се обезбедуваат 61 милион денари за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, како и дополнителни 200 милиони денари за капитални инвестиции.

„Критиката е легитимна и неопходна во демократско општество, но таа треба да се темели на факти. Особено кога станува збор за буџетски документи, неопходно е внимателно и точно читање на официјалните податоци“, наведува министерот.

Љутков потсетува дека пред две недели на прес-конференција биле презентирани резултатите од работата на Министерството за култура и туризам, кои, како што посочува, се поткрепени со конкретни бројки.

Според него, по преземањето на Министерството во 2024 година бил наследен долг од 273 милиони денари по основа на плати, а со ребалансот биле обезбедени средства за негово сервисирање, како и дополнителни 150 милиони денари за капитални инвестиции и програмски активности.

Министерот ги издвојува и следниве резултати од работењето: буџетот за програмските активности е зголемен за 40 %;
капиталните инвестиции се зголемени за 110 %;
буџетот за филмската дејност е зголемен за 87 %;
националните установи добија значително поголема финансиска поддршка и ги зголемија сопствените приходи за над 150 %;
воведени се реформи во финансирањето, транспарентни процедури и јасни критериуми; програмата за култура за 2025 година е реализирана со 98%.


„Ова не се политички квалификации, туку официјални податоци и бројки. За разлика од политичките конструкции, фактите остануваат проверливи и достапни за јавноста“, нагласува Љутков.

Текстот Љутков: Фактите од ребалансот на Буџетот се јасни и проверливи е превземен од МАКФАКС.