На седницата на Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот од СДСМ Благој Бочварски, посочи дека ребалансот на Буџетот за 2026 година е уште една потврда за погрешните економски политики на Владата, кои резултираат со повисоки цени, стагнација на платите, поголем дефицит и зголемен јавен долг. Бочварски посочи дека граѓаните секојдневно ја чувствуваат економската криза преку растот на цените и намалената куповна моќ.
„Не може да се даде преодна оценка за буџет на држава каде индустриското производство опаѓа, инфлацијата е речиси двојно поголема од европскиот просек, каде порастот на цените на храната е 8%, на овошјето над 16%, пијалаци над 10%“, рече Бочварски.
Тој посочи дека животот станува сè поскап, додека Владата не презема мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
„Потрошувачката кошничка расте од месец во месец и дојде веќе до 70.000 денари или три минимални плати, а од друга страна имаме минимална плата којашто за првпат после седум години стагнира“, рече Бочварски, додавајќи дека залудни се обидите на Владата на граѓаните да им презентира розева слика за реалната состојба во државата.
Пратеникот Бочварски, посочи дека економските показатели покажуваат дека Владата нема исполнето ниту едно од клучните економски ветувања, а тоа се потврдува и со предложениот ребаланс.
„Ветивте силен раст и развој – го нема. Ветивте повисоки плати – ги нема. Ветивте намален јавен долг – тој се зголеми за 2,5 милијарди евра. Ветивте дефицит под 3%, а денес имаме 4,1%. Ветивте високо ниво на странски инвестиции, а тие уште првата година паднаа за 60%. Ветивте зголемување на субвенциите за земјоделците, а во реалноста тие се намалија“, рече Бочварски.
Притоа, тој порача дека ребалансот е директна последица на нереалното планирање на буџетот и потфрлањето во наплатата на приходите.
„Буџетот не издржа ниту до средината на оваа година. Има потфрлање во приходите кои нема да можат да ја следат расходната страна од буџетот која пак хронично троши повеќе отколку што може да собере од нашата економија. Со овој ребаланс се потврдува дека буџетот не издржа ниту до средината на оваа година“, рече Бочварски.
Воедно, Бочварски додаде дека приходната страна на буџетот е нереално проектирана, со што власта повторно се обидува да направи економска манипулација.
„Проектирате зголемување на приходната страна за 4,6 милијарди денари, а имаме потфрлање на приходите од неверојатни 240 милиони евра. Од планираните 375 милијарди денари, на половина од годината се собрани околу 170 милијарди, додека за втората половина се очекуваат 210 милијарди денари. Ова е нова економска манипулација. Од погрешни претпоставки не можат да излезат точни резултати“, рече Бочварски.
Текстот Бочварски: Ребалансот е доказ за економската неспособност на власта и сиромаштијата во која живеат граѓаните е превземен од МАКФАКС.