Средби на Муцунски во Катар: Потврдена заложбата за унапредување на соработката

Во рамки на работната посета на Државата Катар, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари средба со заменик-претседателот на Владата и државен министер за одбрана, шеикот Сауд бин Абдулрахман бин Хасан бин Али Ал Тани.

На средбата се разговараше за натамошно унапредување на билатералната соработка во областа на безбедноста и одбраната. Соговорниците разменија мислења и за актуелните регионални и меѓународни безбедносни предизвици.

Министерот Муцунски ја истакна улогата на нашата земја како членка на НАТО и ја поздрави улогата на Катар како важен партнер на Алијансата.

На средбата беше потврдена заедничката заложба за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста, преку зајакнување на дијалогот и унапредување на билатералната и мултилатералната соработка.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски оствари и средба со министерот за трговија и индустрија на Државата Катар, шеикот Фејсал бин Тани бин Фејсал Ал Тани, на која во фокусот беше зајакнувањето на економската и трговската соработка помеѓу двете земји.

На средбата се разговараше за можностите за натамошно продлабочување на билатералната економска и трговска соработка, како и за создавање нови можности за поврзување на бизнис-заедниците на двете држави.

Соговорниците се согласија дека позитивната динамика во политичките односи треба да биде проследена со поинтензивна инвестициска и трговска соработка, преку конкретни иницијативи.

Воедно, беа разменети мислења за конкретни области со потенцијал за продлабочување на економските односи, зголемување на трговската размена и поттикнување поактивна соработка меѓу институциите и приватниот сектор.

Текстот Средби на Муцунски во Катар: Потврдена заложбата за унапредување на соработката е превземен од МАКФАКС.