Костадиновска-Стојчевска: Законот за македонскиот јазик две години не се спроведува

По иницијатива на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, денеска започна надзорната расправа за примената на Законот за употреба на македонскиот јазик, со цел да се утврдат причините за неговото нефункционирање и институционалните пропусти во неговата имплементација.

Пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната прес-конференција посочи дека иницијативата беше поднесена уште на 23 март, но поради одолговлекување од страна на власта и Собранието, надзорната расправа наместо во мај се одржува дури денес.

„На 23 март поднесовме иницијатива за потреба од одржување на надзорна расправа затоа што се сомневавме во нефункционирање и тоа со жал можам да кажам целосно нефункционирање на законот за употреба на македонски јазик донесен во јануари 2024 година. На 7 април Комисијата за култура како матично тело и надлежно тело за одржување и организирање на оваа надзорна расправа одржа подготвителен состанок кој што одлучи на 6 мај да се одржи надзорната расправа во однос на Законот за употреба на македонски јазик. Како што гледате денес сме 6-ти јули и дури денес е првиот ден од надзорната расправа во однос на неупотребата на овој закон“, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа посочи дека и покрај тоа што Законот е донесен пред повеќе од една година и половина, неговите клучни одредби остануваат само на хартија, а Владата нема преземено суштински чекори за негова реална примена.

„Зошто ја поднесовме оваа иницијатива за надзорна расправа? Затоа што можам да ви ги прочитам сите членови по однос на кои не се постапува, меѓутоа тоа значи дека треба да ви го прочитам целиот закон. Освен именуваната директорка на 9 април 2025 година, една година и два месеци после донесување на законот, ништо друго по однос на овој закон не функционира. Видовме два инспектори коишто се вработени пред пола месец во самото Министерство за култура, кои што треба допрва да поминат една цела година во однос на нивната подготовка за да можат да прават надзор“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Притоа, Костадиновска-Стојчевска информираше дека пратеничката група на СДСМ на расправата има повикано претставници на надлежните институции, академската заедница, стручната јавност и медиумскиот сектор, со цел да се утврди каде е застојот и кој ја сноси одговорноста за неспроведувањето на Законот.

Воедно, таа упати јавен повик до сите поканети сведоци да го потврдат своето присуство, за надзорната расправа да може да продолжи и да даде конкретни заклучоци.

„Дозволете ми денес да го искористам овој прес, да апелирам до сите овие имиња коишто јас ги прочитав да го потврдат своето присуство за да можеме надзорната расправа да ја заклучиме после вториот ден кој ќе го определиме заедно се надевам повторно со комисијата. за да можеме да придонесеме овој закон да профункционира“,

Таа нагласи дека Законот бил донесен по едногодишни јавни расправи и со широк политички консензус, поради што е недозволиво институциите денес да го игнорираат и да не ги исполнуваат законските обврски.

„Овој е закон којшто после една година јавни расправи се донесе со консензус во собранието во јануари 2024 та година и не заслужува ваков третман. заслужува да функционира и заслужува како што изјавиле од самото Министерство и култура и туризам, се извинувам, пред една година дека со доследна примена ќе се зголеми интересот за студирање на македонски јазик, ќе се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, училишта, издавачки куќи и медиуми и се разбира најважно од се функционирање на инспекторатот за македонски јазик“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Според Костадиновска-Стојчевска, состојбата е особено загрижувачка затоа што и по повеќе од една година од донесувањето на Законот нема никакво суштинско поместување во неговата примена.

„Нема да речам да се продолжи да се имплементира, туку да се имплементира, бидејќи нема никакво поместување во однос на законот и неговите одредби по однос на неговото носење“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Текстот (Видео) Костадиновска-Стојчевска: Законот за македонскиот јазик две години не се спроведува е превземен од МАКФАКС.