Струга ќе биде центар на балканската екологија: Најавен седмиот конгрес на Македонското еколошко друштво

Од 15 до 18 октомври во Струга ќе се одржи седмиот Конгрес на еколозите на Македонија, со меѓународно учество, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД). До ден-денес, Конгресот останува еден од најголемите научни собири на еколозите во регионот, во чиј фокус се еколошките истражувања во последните години.

„Науката е тимска работа. Нашите конгреси се уникатна можност еколозите лично да ги запознаат колегите од регионот, да разменат идеи, да договорат соработка. Истовремено, на едно место може да дознаат кои се современите научни сознанија во областа на модерната екологија, какви се предизвиците за еколозите и како науката се вклопува или не се вклопува во општествените процеси“, вели Методија Велевски, заменик-директор на МЕД и дел од организацискиот одбор.

Сите заинтересирани кое сакаат да го претстават своето истражување на претстојниот Конгрес може да пријават усни и постер презентации најдоцна до 31 јули. Притоа, презентациите треба да потпаднат под една од седумте секции: Загадување на воздухот, водата и почвата; Хидробиологија, управување и мониторинг на води; Биолошка разновидност и нејзина заштита; Шумарство и земјоделство; Управување со природни ресурси; Промени во животната средина; и Еколошка едукација. Подетални информации за Конгресот и критериумите за учество се достапни на https://congress.mes.org.mk/.

„Нашиот конгрес е домаќин и на студентски симпозиум/и. На тој начин, настанот нуди одлична можност и за најмладите потенцијални научници да ја презентираат својата досегашна работа и да добијат валидација, конструктивна критика и своевиден вовед во она што ги чека доколку продолжат да чекорат во тој правец. Навистина значајно и незаменливо искуство“, додава Драган Арсовски, раководител на програмата „Знаење и наука“ во МЕД и одговорен за Програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“.

Од осамостојувањето на Македонија, МЕД ги организира еколошките конгреси еднаш на секои четири години. Првиот Конгрес на еколози го организира во 1998 година во Охрид. Оттогаш, дел од овој научен собир биле најмалку 1200 учесници и предавачи од над 15 европски земји. Презентирани се околу 1050 трудови од кои дел се објавени во две Книги на пленарни реферати и во пет Зборници на трудови. На овој начин, МЕД ја остварува зацртаната цел да го поддржува развојот на екологијата како наука и да понуди платформа за презентирање на работата на македонските еколози.

Текстот Струга ќе биде центар на балканската екологија: Најавен седмиот конгрес на Македонското еколошко друштво е превземен од МАКФАКС.