Марко Џорлев од Штип испиша историја – златен медал на Светската младинска лига во Хрватска!

Младиот штипски каратист Марко Џорлев продолжува да испишува нови страници во македонскиот спорт, откако го освои златниот медал на Светската младинска карате лига што се одржа во Пореч, Хрватска.

Пред една година Џорлев се закити со бронзен медал, а тогаш во изјава за камерите на М Нет телевизија вети дека со уште повеќе работа, дисциплина и посветеност ќе се обиде да стигне до најсјајното одличје. Тоа ветување денес е исполнето – младиот каратист успеа да се искачи на највисокото место на победничкиот пиедестал и да го освои златниот медал.

До големиот успех, Џорлев стигна по серија извонредни настапи и тешки борби. Турнирот го започна со победа од 2:0 над каратист од Португалија, а потоа убедливо го совлада германскиот претставник со 7:0. Следуваше сигурен триумф над натпреварувач од Словачка со 4:0, по што во еден од највозбудливите дуели го победи италијанскиот каратист со 6:4 и обезбеди пласман во големото финале.

Во финалната борба, Марко Џорлев уште еднаш го покажа својот победнички карактер. По голема и неизвесна пресметка, славеше над украинскиот натпреварувач со 4:3 и заслужено го освои златниот медал.

Овој резултат е уште една потврда дека Марко Џорлев е една од најголемите спортски надежи на македонското карате од новата генерација. Со своите настапи тој не само што достојно го претставува Штип, туку е гордост и на цела Македонија.

Она што дополнително го издвојува Џорлев е неговата огромна посветеност на спортот. Секојдневните напорни тренинзи, дисциплинираниот начин на живот, максималната посветеност и желбата за постојан напредок се темелите врз кои ги гради своите успеси. Но, покрај извонредните резултати во каратето, Марко е и одличен ученик, кој бележи значајни успеси и во образованието.

Токму неговиот пример уште еднаш потврдува дека спортот не создава само шампиони, туку гради и млади личности со вистински вредности, дисциплина, одговорност и силен карактер – квалитети кои Марко Џорлев секојдневно ги покажува и на спортскиот терен и во училишните клупи.

Александар Ванев, М-Нет