
Брегалница се активира на трансфер пазарот со цел склопување на екипа за новата сезона, а најново име во редовите на штипските „сини“ е искусниот дефанзивец Дарко Стојанов, кој повторно се враќа во клубот каде во минатото остави силен белег.
Триесет и шестгодишниот стопер пристигнува од Кожуф, каде минатата сезона беше еден од најважните играчи во остварувањето на главната цел – обезбедување опстанок во Втората македонска фудбалска лига.
Стојанов зад себе има богата кариера. Настапуваше за Вардар, Маџари Солидарност, Беласица, Брегалница, Хоризонт Турново, Борец, Ренова, Детонит Плачковица, повторно Вардар и Кожуф, а интернационално искуство стекна и во бугарскиот Дунав Русе.
Со ангажманот на искусниот стопер, Брегалница испраќа јасна порака дека сака конкурентен тим за настапите во Првата македонска фудбалска лига, каде сезоната ќе ја отвори со гостување кај актуелниот шампион Вардар.
Александар Ванев, М-Нет