Германскиот инвеститор стана мнозински сопственик во Брегалница, „сините“ утре ги „палат моторите“

Убави вести за фудбалот во Штип, за навивачите и поддржувачите, германскиот инвеститор Франк Соломон и официјално стана мнозински сопственик во фудбалскиот клуб Брегалница, откако купи 51% од акциите, останатите 49% остануваат во сопственост на општина Штип.

Според договорот германскиот инветитор ќе мора да вложува минимум 30 милиони денари по сезона, а пак општината 15 милиони денари додека Брегалница е дел од Првата македонска фудбалска лига, доколку Брегалница испадне во Втора лига, тогаш германскиот инветитор ќе треба да вложува по 15 милиони денари по сезона, а девет милиони ќе треба да вложува општина Штип.

Исто така, според договорот како што веќе објави М Нет телевизија, новиот мнозински сопственик од Германија не смее да го сели клубот во друг град или држава, не смее ниту да го менува името на клубот, ниту пак боите со што се гарантира идентитетот на штипската фудбалска гордост.

Исто така, како што дознава М Нет телевизија утре ќе биде и првата прозивка со што Брегалница ќе означи старт на летните подготовки. Во следниот период ќе треба да биде познат изгледот на Брегалница односно костурот на тимот, но и изгледот на стручниот штаб и раководството на клубот.

Брегалница минатата сезона стана шампион во Втора лига и се врати во елитата, а во рамки на првото коло ќе гостува кај шампионот Вардар. Новата сезона во елитата стартува на 25 јули.

Александар Ванев, М-Нет