Почна реконструкцијата на улицата „Дебарска“ во Битола

Започна реализацијата на проектот за комплетна реконструкција на инфраструктурата на улицата „Дебарска“ во Битола, соопшти Општина Битола.

Градежните активности се одвиваат на првата делница од улицата, на потегот од улицата „Димитар Влахов“ до улицата „Илинденска“. Проектот се реализира согласно Програмата за развојни планови и договорот склучен со Министерството за транспорт, со средства обезбедени од унгарскиот кредит преку вториот владин повик.

За реконструкција на мешовитата канализација на дел од улицата се обезбедени 12.148.109 денари, за реконструкција на водоводната линија 4.991.136 денари, додека за реконструкција на коловозот се предвидени 20.146.392 денари.

Должината на улицата што ќе биде реконструирана изнесува околу еден километар.

Од Општина Битола посочуваат дека за реализација на проектот биле подготвени потребните проекти, обезбедени финансиски средства и склучени договори со изведувачите.

Според општината, за инфраструктурни проекти во 2026 година се предвидени над 900 милиони денари, додека за култура се издвојуваат нешто помалку од 40 милиони денари, односно 1,9 проценти од општинскиот буџет.

Текстот Почна реконструкцијата на улицата „Дебарска“ во Битола е превземен од МАКФАКС.