На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која оцени дека интерпелацијата поднесена против министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски е неоснована и упати критики кон СДС, посочувајќи дека токму во периодот кога тие биле на власт земјоделците се соочувале со неисплатени обврски, ниски откупни цени и незадоволство кое резултирало со протести.
„Искрена да бидам кога ја слушнам слушам денешнава интерпелација и денешнава дискусија не знам навистина дали да се смеам или да се чудам. СДС поднесува интерпелација за министер кој работи, а не поднесе интерпелација за сопствените седум години катастрофа во земјоделието.Вие денес зборувате за одговорност. Вие кои оставивте земјоделци со неисплатени обврски, со ниски откупни цени, со празни ветувања и со чувство дека државата целосно ги заборавила. Да не заборавиме кој беше на власт кога земјоделците протестираа пред институциите. Да не заборавиме кој ги тераше тутунарите, овоштарите и сточарите да излегуваат на улица за да си ги бараат сопствените пари. Да не заборавиме кој создаде систем во кој партиската книшка беше поважна од чесниот труд на македонскиот земјоделец и токму вие држите денеска лекции“, рече Ангелова.
Според Ангелова, актуелниот министер е цел на интерпелацијата не поради пропусти во работењето, туку поради мерките што ги презел за стабилизирање на состојбите во земјоделството, наведувајќи дека неговите активности за исплата на долговите и воведување ред во системот предизвикале реакција кај опозицијата.
„Министерот Цветан Трипуновски мислам дека не е предмет на оваа интерпелација поради неуспеси. Напротив, тој е предмет на интерпелација затоа што почна да ги решава проблемите што вие ги создадовте. Почна да ги исплаќа долговите што вие ги оставивте. почна да воспоставува ред таму каде што вие оставивте хаос. Вистината ве боли, нели? Ве боли што земјоделците повеќе не ви веруваат. Ве боли што институциите денес работат. Ве боли што повеќе не можете да користите земјоделците како гласачка машина која ќе ја посетите само пред избори. Оваа интерпелација е признание за успехот на министерот. Ако не работеше немаше да ви пречи, но ви пречи затоа што резултатите се видливи. Ви пречи затоа што секој исплатен денар е доказ за вашата неодговорност. Ви пречи затоа што секој решен проблем е потсетник на вашите промашувања. Седум години имавте власт, седум години имавте министри. Седум години имавте можност да покажете како се работи. Што оставивте зад себе? Разочарани земјоделци,недоверба во институции и чувство дека државата не се грижи за оние коишто ја хранат Македонија“, вели Ангелова.
Текстот Ангелова: СДС не може да ги поднесе резултатите на министерот Трипуновски во земјоделството, затоа поднесува интерпелација е превземен од МАКФАКС.