Се асфалтираше улицата Личка во штипската населба Кадидере, активности предвидени и во следните денови

Асфалтиран е крак од улицата Личка во населбата Кадидере во Штип. Со инвестиција од околу еден милион денари, жителите од овој дел на градот конечно добија подобри услови за секојдневно движење и побезбеден сообраќај. Претходно, овој дел од улицата беше со нерамна и оштетена подлога, што создаваше проблеми за пешаците и возачите, особено во дождливи периоди.

Со новото асфалтирање се подобрува пристапот до домовите на жителите, а воедно се зголемува и безбедноста во сообраќајот. Жителите велат дека оваа интервенција била неопходна и долго време ја очекувале, бидејќи улицата е важна за секојдневното функционирање на населбата.

Од локалната самоуправа информираат дека уредувањето на улиците и подобрувањето на патната инфраструктура останува еден од приоритетите. Во наредниот период се планира реализација на уште вакви инфраструктурни зафати во повеќе населби во градот, со цел подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Иван Митев, М-Нет