Пробиштип остана без фудбал откако Рудар се откажа од натпреварување во Трета лига – Исток

На Градскиот стадион во Пробиштип сениорски фудбал оваа пролет нема да се игра, градот останува без фудбал откако Рудар се повлече од натпреварување во Третата македонска фудбалска лига – Исток.

Тимот од Пробиштип минатиот викенд требаше да го одигра натпреварот против Хоризонт Турново од последното есенско коло кој беше одложен, но Рудар не допатува и не го одигра овој натпревар, а Турново резултатот го доби со службени 3:0.

Ниту овој викенд тимот на Рудар не отпатува во Берово за да го одигра мечот од 12. коло со Малеш, со што Пробиштип останува без фудбал.

Рудар во минатото беше дел и од Првата македонска фудбалска лига, како и од Втора лига. Имало за жал сезони како сениорскиот тим не бил активен, а потоа повторно се реактивирал. Сега Градскиот стадион во Пробиштип останува без сениорски фудбал, дали, кога и како ќе се врати Рудар е голем прашалник.

Инаку, претходно од Трета лига – Исток со натпреварување се откажа и екипата на Светлост од Зрновци, со што и оваа мала рурална општина остана без сениорски фудбал, а откажувањето на овие две екипи ја оставија Трета лига – Исток со девет екипи, кои продолжуваат со натпреварување.

Пред почетокот на сезоната своето учество за натпреварување го откажа Вардарски, откако тимот од Богданци минатата сезона испадна од Втора лига и реши да не продолжи со натпреварување во Трета лига – Исток.

Александар Ванев, М-Нет