Костадиновски: Одобрението за изградба на хидроцентрала во Блатец поминало пред повеќе од шест месеци

Одобрението за изградба на хидроцентрала на река Блатешница престанало да важи пред повеќе од половина година, информираше градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски, преку социјалните мрежи. Тоа значи дека инвеститорот не смее да продолжи со активности за изградба на хидроцентрала.

„Во врска со протестите на жителите на село Блатец против изградба на хидроцентрала на река Блатешница сакам да Ве известам за следното.
Известен е инвеститорот дека Одобрението за градење на хидроцентралата, согласно член 68 став 1 од Законот за градење престанало да важи од 13.08.2025 година и доколку превземе градежни дејствија, истите ќе се сметаат за бесправна градба и претставуваат кривично дело.
Воедно за истото го известив и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини да има во предвид за понатамошно продолжување на договорот за концесија кој истекува наскоро.“ -стои во соопштението на Костадиновски.

Жителите на село Блатец се против изградбата на хидроцентралата на ррека Блатешница бидејќи како што посочија сакаат да го заштитат својот водовод, каналот за наводнување, но и животната средина. Од празникот Свети Трифун со жив штит ја бранеа реката од градежни активности на терен. Во петокот го блокираа и патот Виница Берово, а поддршка добија од невладини организации, здруженија, како и од градоначалникот Костадиновски.

Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет