
Овој викенд се играат дерби пресметки од 2. коло на плеј-офот на Првата кошаркарска лига каде се води неизвесна борба за пласман во Суперлигата.
Колото се отвара во утревечер со натпреварот меѓу фаворитот Струмица и Водно Санс кој ќе се одигра во спортската сала „Никола Карев“ во Струмица.
Во недела на програмата се три натпревари. Скопското дерби го играат Бутел и Вардар, што ќе биде еден од двата дуели од ова коло на две екипи со идентичен учинок 4-3. Мечот се игра во спортската сала „Илија Хаџи Николов“ со почеток од 18 часот. Истовремено во Штип во спортската сала „Јордан Мијалков“ стартува дербито меѓу Соколи и Мега Баскет. Ова ќе биде дуел каде императивот за победа е голем, а влогот од мечот носи многу на патот кон Суперлигата.
Штипјани бараат силна поддршка од навивачите, полна трибина како ветер во грб со цел да се стигне до триумф.
Исто така во 18 часот ќе започне и натпреварот во Велес меѓу Борец Баскет и Охрид, каде охриѓани ќе бараат триумф на тежок терен за освојување на бодови.
Во рамки на плеј-аутот таму ќе се одиграат натпреварите од второто коло каде се води борба за опстанок во Првата кошаркарска лига. Со натпреварот меѓу „фенерџијата“ Спортисимо и фаворитот Тетекс, кој се игра во Кавадарци. Во недела пак во Свети Николе ќе се одигра натпреварот меѓу Овче Поле и Младинец, каде домашниот тим е голем фаворит за триумф, а втората рунда од плеј-аут сегментот се затвара во понеделник во Струмица со мечот меѓу Ролинг и Црн Дрим од Струга.
Александар Ванев, М-Нет