Детонит Плачковица мина низ успешни подготовки, радовишани спремни за пролетните предизвици

Детонит Плачковица помина низ успешни зимски подготовки и подготвен влегува во пролетниот дел од Втората лига, но и во четвртфиналето од Купот на Македонија.

Радовишани засилени со неколку нови фудбалери ќе целат кон што повисок пласман во Втората лига, а штипскиот стратег Горан Здравков ни изјави дека неговиот тим имал успешни подготовки и вели дека имаат квалитет за повисок пласман на табелата.

Во однос на натпреварот од четвртфиналето од Купот на Македонија против Силекс, наместо во Радовиш ќе се игра во Кратово бидејќи во Купот од четвртфиналето започнува да се спроведува ВАР технологијата, бидејќи ВАР нема имплементирано на стадионот во Радовиш, овој меч мора да се се одигра во Кратово, а за што Здравков како тренер се извинува до сите навивачи и ги поканува сите кои се во можност да присуствуваат во Кратово.

“Имавме одлични зимски подготовки и донесовме неколку млади, талентирани засилувања. Задоволен сум од ангажманот на моите фудбалери и од начинот на кој се одвиваа подготовките. Видливо беше подигањето на формата, како и напредокот низ одиграните пријателски натпревари. Сметам дека поседуваме квалитет и очекувам во пролетниот дел од сезоната нашата цел да биде завршување што повисоко на табелата. Верувам дека имаме капацитет тоа и да го оствариме. Нѐ очекува првиот пролетен натпревар на домашен терен против екипата на Големо Коњари веќе утре. Како и на секој натпревар, влегуваме со максимална почит кон противникот, без разлика на позицијата на табелата. Ќе го дадеме најдоброто од себе, со јасна цел – освојување на трите бодови и победнички старт во 2026 година. Очекувам моите момци на секој натпревар да го даваат својот максимум во остварување на зацртаните цели. Во однос на натпреварот против Силекс во четвртфиналето од Купот на Македонија, за жал нема да можеме да го одиграме во Радовиш. Причината е што Градскиот стадион во Радовиш не ги исполнува условите за имплементација на ВАР-технологијата. Бидејќи од четвртфиналето во Купот започна задолжителната примена на ВАР, натпреварот сме принудени да го одиграме во Кратово. Воедно, сакам јавно да им се извинам на навивачите и поддржувачите поради тоа што нема да можеме да настапиме на домашен терен. Ги повикувам сите што се во можност да дојдат во Кратово и да ни дадат поддршка од трибините, со надеж дека заедно ќе се радуваме на нова победа и ќе ја израдуваме спортската јавност во Радовиш.“

Пролетниот дел Детонит Плачковица го отвара против Големо Коњари на домашен терен веќе утре.

Александар Ванев, М-Нет