Мерење крвен притисок, шеќер во крвта и очен притисок во здружението на пензионери Штип

Мерење на крвен притисок, шеќер во крвта и очен притисок денеска во здружението на пензионери Штип по повод неделата за грижа на здравјето на возрасни лица. Ученици од СОУ „Јане Сандански“ како и вработени од КБ Штип ја реализираа денешната акција која се спроведува неколку години по ред.

„Чест ни е што во посета на Здружението на пензионери Штип се ученици од СОУ „Јане Сандански“ и од Клиничка болница Штип и ќе се вршат превентивни прегледи на нашите пензионери и тоа мереше шеќер во крвта, мерење крвен притисок и очен притисок. Оваа соработка се негува повеќе години и е од големо значење за нас“ – вели Нетков.

Ова е од големо значење и за пензионерите. Велат во третата доба од живото најважно е да се води грижа за сопственото здравје и да се вршат редовни контроли. Ваквите акции придонесуваат за тоа.

Целта на средношколците е да се применува во пракса теоретската настава од една страна, но и да се помогне на пензионерите од друга страна. Резултатите покажаа дека најголем дел од нив имаат покачен крвен притисок.

„Нашата цел денеска е да ја покажеме практичната настава заедно со теоретската настава. Мереме шеќер во крвта, крвен притисок и делиме совети.“ – вели Стојанова.

Минатата година се спроведоа околу 12 вакви и слични активности во здружението на пензионери Штип, а тенденција е оваа бројка да се зголеми годинава.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет