
Развоен и амбициозен е финансискиот план за 2026 година на ЈП Стипион. Поголем обем на работа се очекува оваа тековна година, вели директорот Панче Стефановски, додавајќи дека се планирани дополнителни приходи за уредување и одржување на улици и патишта, јавен превоз и паркирање.
„Финансискиот план за 2026 година можам да го карактеризирам како развоен и амбициозен. Моја заложба и тенденција е секоја година да имаме зголемен обем на работа во поголемиот број на дејности. Сега за сега успешно го реализираме планираното и ги постигнуваме зацртаните цели па затоа и оваа година се планирани дополнителни приходи во дејноста уредување и одржување на улици и патишта, јавен превоз и во дејноста јавно паркирање.“ – вели Стефановски.
Во меѓувреме потребно е и ново вработување на работно место раководител на одделение за платени паркинзи. Како што посочуваат од претпријатеието, со новата одлука за користење на просторот за јавно паркирање потребна е поголема координација и поефикасна контрола на работењето. Дополнително ќе се работи на набавка на нови возила за паркинзи, јавен превоз како и зимска служба.
„На расходната страна планирани се зголемен број на вработувања во ЈП Стипион со цел зајакнување на човечкиот капитал, планирано е набавка на две возила во дејноста паркинзи, едно возило во дејноста јавен превоз. Во соработка со ИПР имаме план да набавиме едно возило за извршување на зимската служба.“ – вели Стефановски.
Во наредниот период ќе се работи на реализација на зацртаните проекти во сите дејности.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет