
По првото одиграно пролетно коло во кошаркарската Суперлига екипата на ТФТ останува на врвот со 23 бодови откако славеше над Кожув на стартот на пролетниот дел.
Актуелниот шампион МЗТ Скопје го држи второто место со бод помалку, откако славеше над Маџари, а пак Пелистер кој ја доби драмата со Работнички е трет со 20 бодови.
Со по 19 бодови на делба на четвртото место се МКК Куманово и Кожув, а пак Маџари кој со пораз ја отвори 2026 година е шести со 18 бодови.
Продолжува резултатската криза на Работнички, најтрофејниот клуб е седми со 17 бодови, а во следното коло против лидерот ТФТ ќе бара излез од резултатската криза.
17 бодови има и Феникс, како и Чаир, а пак 16 бодови има Тиквеш кој е десети, откако успеа да слави над Гостивар за прекин на серијата лоши резултати, а токму Гостивар е претпоследен со 14 бодови и серија на лоши резултати, а на дното е Ангели со 13 бодови.
Во однос на статистиката Ламар Вашингтон дојде до 50% на одиграни натпревари откако е играч на гевгелиски Кожув. Досега реализираше 141 поен, што во моментов му дава најдобар просек на поени во лигата – 23.5 поени, со кој го надмина и ефектот на Глен Абрам, кој во меѓувреме си замина од Гостивар, а кој имаше просек по 21 поен по меч.
Амар Хот од екипата на Маџари има најдобар просек со 11.6 скока по меч, Урош Луковиќ од екипата на МКК Куманово е најдобар блокер, има по три блокади по меч.
Александар Ванев, М-Нет