Нема продолжување на зимскиот распуст, Делчево, Берово и Пехчево без заболени од грип

Зимскиот распуст засега нема да се продолжи и покрај растот на бројот на заболени од грип. Како што истакнаа денеска од институтот за јавно здравје состојбата се следи, а доколку има било какви промени, навремено ќе се апелира и ќе се дадат соодветни мерки. Бројките се очекувани, велат од таму и додаваат дека пикот се очекува да биде крајот на јануари и почетокот на февруари.

,,Бројките се очекувани за овој период од годината. Точно е дека имаме раст неколку недели по рано од она што било очекувано, но засега сме во една средна активност и тоа засега не дава можност да даваме некој претерани мерки, кои што би ги зафакале граѓаните, нешто како што кажавте и вие ,,продолжување на зимскиот распуст“, сепак ја следиме состојбата и доколку имаме било каква промена ние ќе апелираме и ќе дадеме соодветни мерки.“, рече Кочински

Од комисијата за заразни болести за сега се уште нема официјални препораки , појаснуваат од институтот. Иако нема генерални препораки, сепак велат сите болници можат да спроведат мерки за посетите кои се вршат во нив. Маските се првата заштита од пренесување на грип.

,,Комисијата за заразни болести во текот на вчерашниот ден заседаваше и ќе излезе со соодветни препораки. Секоја болница тоа може да си го спроведе, без разлика на генералните препораки или не, дали постојат или не. Ако не е забранета посетата во болница, се препорачува да се носат маски од страна на посетителите, да не се доведува до дополнително во ризик пациентите кои што лежат поради некоја друга симптоматологија.“, додава Кочински

Д-р Драган Кочински е дециден дека капацитетите во болниците не се исполнети и нема простор за паника.

,,Значи собиравме некој бројки во текот на минатата недела за капацитетите во болниците. Се забележува дека има зголемување на бројот на хоспитализирани лица и кај возарсните и кај децата. Повторно ќе кажам тоа е очекувано за овој период од годината и не се целосно исполнети капацитетите во болниците.“, потенцираше Кочински

Втората недела од 2026, согласно податоците на ИЗЈ од петти до 11 јануари се регистрирани 2322 заболени од грип, што е за 34,6 проценти повеќе во однос на претходната година. Најмногу погодена е групата од 15 до 64 години.

Иван Митев, М-Нет