Второлигашот Детонит Плачковица од Радовиш денес ги стартува подготовките

Горан Здравков денес ќе ја има првата прозивка со која второлигашот Детонит Плачковица ќе означи старт на зимските подготовки. Здравков ќе го има првиот состанок со играчите, ќе биде соопштен планот за подготовки, пријателските натпревари преку кои ќе се проверува формата и датумите кога ќе се одиграат истите, а потоа ќе биде одработен и првиот тренинг на Градскиот стадион во Радовиш.

Дополнително, ќе биде познато и како ќе изгледа Детонит Плачковица во пролетниот дел, а според наши информации ќе има неколку промени во ростерот за вториот дел од сезоната. Ќе има неколку заминувања, а ќе пристигнат и неколку нови играчи.

Клубот моментално води преговори со неколку играчи, па се очекува позитивен исход во следните денови и нивна промоција.

Радовишкиот второлигаш заврши на седмото место на табелата со 26 бодови, а пролетниот дел го отвара на домашен терен против „фенерџијата“ Голем Коњари.

Целта на Детонит Плачковица ќе биде да заврши во првите осум, односно во зоната за директен опстанок со што повисок пласман на табелата.

Александар Ванев, М-Нет