Подобри услови за работа на прволигашките стадиони за спортските новинари и коментатори за следната сезона!

Ќе се подобруваат условите за работа на спортските новинари и коментатори на стадионите во Првата македонска фудбалска лига. Ова го најави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, кој истакна дека се увериле дека се проблем условите за работа на спортските новинари и коментатори.

Како што потенцираше претседателот Омерагиќ веќе работат на решавање на овој проблем и до месец март ќе донесат одлука со која ќе треба на стадионот да има пропишани и уредени места за новинари односно коментатори, како услов за добивање на лиценца на тие стадиони со цел играње на прволигашките натпревари.

„Што се однесува до условите за работење на коментаторите, ние дефинитивно се уверивме дека има проблеми во тоа, работиме на тоа до март ќе донесеме одлука каде што сите прволигаши ќе мораат до почетокот на наредното првенство значи јуни месец да бидат готови, а ние да направиме инспекција, август кога ќе почне новото првенство односно сезоната 2026/2027 да има пропишани и уредени места за новинари односно за коментатори. Тоа ќе биде услов за да добијат лиценца тие стадиони за да ги играат натпреварите. Не можеме да стигнеме до март треба да бидеме објективни, непотребно ќе правиме притисок врз клубови кој што нема да донесе резултати. Вака ќе донесеме одлука и тоа ќе се заврши за до наредното првенство“, истакна претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Со овој потег значително ќе се подобрат условите за работа на спорските новинари и коментатори на стадионите каде ќе се играат натпреварите од Првата македонска фудбалска лига.

Александар Ванев, М-Нет