
Ракометарките на Астибо со пораз го затворија есенскиот дел во Суперлигата откако загубија со 36:28 од Металург Автокоманда во гости.
Натпреварот го одбележа голот на голманката на Астибо, Кристина Кузмановска Младеновска која погоди од гол на гол, но притоа успеа да ја совлада голманката на домашниот тим што ги собра аплаузите во салата.
Металург Автокоманда уште од самиот почеток започна да гради сериозна резултатска предност која во 21. минута од средбата беше 13:7, а до крајот на првиот дел штипски тим истата ја намали на 16:12.
Во второто полувреме Астибо дојде и до 19:18 односно само гол негатива, а потоа мечот влезе во многу неизвесен финиш откако во 42. минута Астибо уште еднаш дојде на минус еден при 20:19, во последните десеттина минути домаќинот успеа резултатски уште еднаш да се одлепи и да стигне до победа од 36:28.
Марија Јанкуловска со 11 гола беше прво име кај Металург Автокоманда, а кај Астибо беше Марија Анчева со 13 гола.
Во однос на останатите две средби фаворитие стигнаа до пбоеди – шампионот Ѓорче Петров со 27:36 славеше над Вардар, додека пак Чаир со 29:36 го доби Куманово во гости.
Дербито од дното се играше во Скопје каде тимот на Пелистер го доби Спартак со 20:31 и го остави на дното без триумф.
На врвот израмнети се Ѓорче Петров и Металург Автокоманда со по 23 бодови, Чаир е трет со 22 бодови и овие три екипи ќе се борат за титула. Вардар е четврти со 14 бодови и комотен на својата позиција. Борбата за петтото место ќе ја водат Куманово кој има девет бодови и се наоѓа токму на петтото место, Астибо ќе презими како шести со седум бодови, а пак Пелистер е седми со четири бодови. На дното е Спартак со два бодови и единствен тим кој нема триумф односно има две ремија и 11 порази.
Во средината од месец февруари започнува пролетната полусезона.
Александар Ванев, М-Нет