29-та средба на генерации на РК Текстилец УГД – настан со голема традиција кој ги собра ракометарите од 7 до 77 години

Вчера во Штип се одржа големиот ракометен настан „29-та средба на генерации на ракометниот клуб Текстилец УГД“, а на кој присуствуваа ракометари од 7 до 77 години.

Овој настан има голема традиција првпат истиот се одржал пред 29 години со многу ентузијазам, а денес прерасна во настан со голема традиција. Во спортската сала „Тошо Арсов“ се одиграа ревијални натпревари меѓу пионерите, кадетите, генерација со генерација. Настан кој буди спомени, моменти и средба на генерации кои во минатото го носеле дресот на штипскиот клуб.

„Ракометниот клуб Текстилец УГД денес ја одржува 29-та средба на генерации. Самата средба на генерации значи дека овде се собираат сите генерации од 7 до 77 години. Оваа година сме сите овде. Играат пионерите, кадетите, генерација со генерација, ова е збир на сите ракометари, поддржувачи на ракометот и сите што сакаат да помогнат со спортот. Почнавме пред 29 години со ентузијазам и оваа стана една традиционална средба која секоја година се одржува крајот на сезоната односно околу празникот Свети Никола“, вели претседателот на клубот Зоран Арсов.

На овој традиционален настан се собраа многу ракометари и генерации, РК Текстилец УГД важи за клуб од кој произлегле многу ракометари кои денес настапуваат низ клубови во Суперлигата во Македонија, но и во странство.

„Благодарност пред се до раководството на РК Текстилец УГД што ја продолжи традицијата која еве по 29 пат се одржува по повод празникот Свети Никола и патронатот на градот, а пред се убава средба. Сакам да ги поздравам сите присутни на оваа средба во која се застапени повеќе генерации од 7 до 77 години. Голем апел и до идните млади играчи да ја продолжат оваа традиција која е пред се феноменална. Спортот како активност е пред се за развој на младите, за унапредување на нивниот развој. Клубот како активност пред се има да ги развива младите, но во клубот израснаа и многу добри ракометари како што се Влатко Митков, Мартин Поповски и многу други кои се тие играат во странски клубови, а кои за жал денес не се присутни голем поздрав и до нив. Се надевам дека оваа традиција ќе продолжи и понатаму, да сме живи и здрави и да се видиме догодина повторно“, вели Зоран Јовановски, кој е поранешен претседател на клубот.

Овој спортски настан има голема традиција, но притоа е потврда дека преку вакви настани се испраќа силна порака до младите со цел да се насочат кон спортот, бидејќи токму спортот е важен за правилен раст и развој кај младите. Резултатот беше во втор план, а во прв план беше другарството и средбата на генерациите која буди спомени кај сите.

Александар Ванев, М-Нет