Последно есенско коло во ракометната Суперлига

ФОТО: Александар Ванев | АРХИВА

Со натпреварите од 18. коло на ракометната Суперлига ќе се затвори есенската полусезона. Последната рунда ќе донесе неколку интересни средби со кои може да се направат мали промени на табелата особено околу позициите кои водат кон плеј-офот.

Бутел на домашен терен ќе игра со тимот на Алкалоид, каде тимот од Автокоманда е фаворит за триумф, додека пак Прилеп ќе игра против лидерот Вардар, каде повеќе од јасно е дека скопскиот тим е апсолутен фаворит.

Шампионот Еурофарм Пелистер после поразот во Охрид ќе бара враќање на победничките патеки против Тиквеш, битолчани ја имаат фаворитската улога на себе и само победа е опција. Понеизвесен ќе биде мечот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Пролет, каде младите „пелистерци“ се без право на грешка во трката за обезбедување на место во плеј-офот, а во трка се неколку екипи.

Куманово на домашен терен ќе игра дерби од долниот дел на табелата со Струга, две екипи кои сакаат триумф во нивната борба за да го избегнат претпоследното место кое води кон баражот за опстанок.

Охрид како апсолутен фаворит ќе гостува во Радовиш каде веќе однапред е јасно дека „гладијаторите“ ќе имаат прошетка до Радовиш со цел да ги земат бодовите и да ги однесат во Охрид.

Со овие натпревари ќе се затвори есенската полусезона, а до крајот од регуларниот дел ќе се водат битки во 2026 година каде Тиквеш, Бутел, Прилеп и Еурофарм Пелистер 2 ќе водат битка за петтото и шесттото место за тоа кои две од овие екипи да играат во плеј-офот каде ќе се разигрува за титула и излез во Европа.

Пролет веќе заостанува сериозно зад овие екипи особено зад Тиквеш и Бутел. Во долниот дел Струга и Куманово ќе водат битка за директен опстанок односно да го избегат претпоследното место, додека пак Радовиш е оставен сам на себе и клубот е речиси сигурен кон испаѓање во Прва лига, каде се потребни големи промени и комплетен „ремонт“ кон неговото понатамошно функционирање.

Александар Ванев, М-Нет