
Во изминатиот период фудбалскиот терен во општина Карбинци беше честа мета на вандализам со уништување на самата инфраструктура. Неколку пати фудбалскиот клуб Карбинци кој настапува во Трета лига – Исток реагираше за случувањата и за уништувањето на спортската инфраструктура.
Градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов за М Нет телевизија вели дека како општина реагирале остро и очекува санкции за сторителите за кои има докази, со цел ваквото уништување на фудбалскиот терен да не се повтори во иднина.
„Да, за жал смедоци сме на вандализам пред се од локални субјекти или локалци од Карбинци. Општината овој пат реагираше остро и веќе се вршат надзори од инспекциски служби пред се од делот на комуналната инспекција и очекувам да бидат санкционирани сите оние кои што имаме докази за истите и тоа да не се повтори иднина. Пред се санкционирањето ќе биде врз основа на извршеното, но и со насока да не се повтори понатаму и да алармираме кон оние други коишто можеби имале таква намера или би се нашле во еден таков непријатен момент. Сметам дека еве дека ќе постигнеме нешто со ова, за жал се што е општинско, се што е државно, се што е за народот треба да се грижиме сите, не само институциите, но сите оние кои што движиме и гравитираме овде“, вели градоначалникот Паунов за М Нет.
На фудбалски терен била уништена мрежата со цел стоката да биде пуштена на самиот терен, биле уништувани столчињата на трибината и самиот инвертар, вели Паунов.
„Па бевме сведоци на неколку пати еве од страна на одредени сточари, стоката ја укарувале во стадионот, потоа оштетување на мрежата, оштетување на седиштата, на инвертарот кои што е во рамките на оваа инфраструктура. Така да, познато е многу и на јавноста, но и на институциите, така да се преземе првите чекори“, додава градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов.
Веќе се преземат први чекори за санкционирање на сторилите кои во изминатиот период предизвикаа штета на фудбалскиот терен со уништување на самата инфраструктура.
Фудбалскиот клуб Карбинци во изминатите неколку години покажа одлична организација, клубот постојано бележи одлични резултати и тој е секогаш при самиот врв на табелата во Трета лига – Исток, а во изминатите години редовно учествува во фудбалскиот Куп на Македонија каде се покажува како одличен домаќин и организатор на овие натпревари.
Александар Ванев, М-Нет