Кој ќе биде есенски шампион во Втора лига? Уште три кола до крајот од есенската полусезона

Остануваат уште три кола да се одиграат во Втората лига за комплетирање на есенската полусезона, а најблиску за есенски шампион е Шкендија Арачиново.

Тоа што го анализиравме и во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија за тоа кој ќе биде есенски шампион зависи само од лидерот Шкендија Арачиново. Тимот на Љупчо Марковски – Калц има пет бодови залиха во однос на Брегалница и Охрид кои го делат второто место со по 27 бодови, а во игра до крајот на есенскиот дел остануваат девет бодови.

Клучно ќе биде следното коло кога Шкендија Арачиново која е единствениот непоразен тим ќе се соочи со Брегалница во директна дерби пресметка на теренот на Шкендија. Овој меч доколку го добие тимот од Арачиново тогаш сите дилеми ќе се решат и Шкендија ќе оди кон тоа да биде есенски шампион.

Триумф за Брегалница ќе значи дека Шкендија Арачиново ќе има само два бодови предност, а тоа отвара простор Брегалница, но и Охрид да се надеваат на можноста да бидат есенски шампиони.

13-тото коло се игра на 21 ноември, а во рамки на истото се игра дербито Шкендија Арачиново со Брегалница, Охрид би требало да има лесна задача кај последнопласираниот Големо Коњари, додкеа пак Скопје дома ќе игра со Тетекс. Беласица ќе игра дома со Новаци.

Претпоследното есенско коло носи дерби меѓу Охрид и Детонит Плачковица, Брегалница го чека Осогово во Штип, Скопје ќе биде домаќин на Големо Коњари, а Шкендија Арачиново оди кај одличниот Новаци. Беласица ќе гостува кај Каменица Саса.

Во последното 15. коло Скопје ќе има тешка задача во Радовиш против Детонит Плачковица, Брегалница гостува во Прилеп кај Победа, Охрид ќе биде гости кај Слога во Виница. Беласица дома ќе игра со Преспа.

Вака изгледа распоредот на водечките екипи, а битката за тоа кој да биде есенски шампион ќе ја водат Шкендија Арачиново, Брегалница и Охрид, со тоа што тимот од Арачиново е со најголема предност и многу работи ќе зависат од нив или од дербито со „штипските“ сини.

Пред второлигашите следува густ распоред бидејќи во осум дена ќе одиграат три натпревари. 13-тото коло се игра на 21 ноември (петок), мечевите од 14-тото коло на програмата ќе биде во вторник (25 ноември), а есенската полусезона се затвара со последното есенско коло кое се игра на 29 ноември (сабота), а потоа ќе следува зимската пауза и подготовките за пролетниот дел.

Александар Ванев, М-Нет