
Секунди ги делеа играчите на ОФК Карбинци од победа и големи три бода во Турново, против екипата на Хоризонт. Во последната, петта минута на судиското продолжение на натпреварот, при резултат 2:3, од една гужва во шенаесетникот домашните израмнија на 3:3, спречувајќи уште едно изненадување.
На останатите натпревари, најголемото изненадување го приреди Ударник, кој во Свети Николе го совлада Овче Поле со 2:1.
Во Пробиштип, Победа од Валандово славеше со 1:0 и ја продолжи стопроцентната серија на победи. Прва радост во ова коло и за Малеш, победа во Берово против Тиверија 4:1, а Дојранско Езеро загуби пред своите гледачи со 3:0 од Брегалница Делчево.
На табелата, прва е Победа Валандово со 12 бодови, втор Хоризонт Турново со 10, од третото до петтото место Овче Поле, Ударник и Брегалница Делчево по девет. Со бод помалку, осум, ОФК Карбинци е на шестата позиција, седми Рудар со 7, Тиверија и Малеш на осмото и деветото место со по три бода, а на дното без победа и без бодови е Светлост од Зрновци.
Шестото коло се игра во недела, 12 октомври во 14 часот.