Започнува празнувањето на Св. мач. Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија во Штип

Населба 8 ми Ноември, денес ја отвора вратата на еден од најсветлите денови во годината – почна празнувањето на светите маченички. Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија. Со измивање од светата вода од изворот , молитвa и плетење венци, штипјани вечерва ќе се собeрат на едно место за да го прослават празникот кој носи сила, заштита и духовна обновеност. Денес и утре, кај изворот на светите маченички Вера, Надеж и Љубов, домаќинот Симо Костадинов ги повикува сите сограѓани да ја почувствуваат магијата на овој голем празник, кој ги поврзува луѓето со длабокото значење на верата.

Во срцето на манастирската кујна, мириса на љубов, вера и добра манџа. Куварката Марија, која со години подготвува оброци за верниците и посетителите, вели дека тајната состојка на вкусната манастирска манџа е љубовта и вербата во Бога.

И додека венците се плетат, молитвите се изговараат, а мирисот на празничниот ручек се шири низ дворот, празникот уште еднаш потсетува дека традицијата живее таму каде што има вера, надеж и љубов.

Иван Митев, М-Нет