
Сите пет основни училишта во Штип почетокот на новата учебна година ќе го започнат со паралелелки со помал број на ученици од предвиденото. Најголема причина за ова е иселувањето, велат директорите на основните училишта, кои секоја година се соочуваат со се помал број на запишани ученици. За разлика од претходната година, годинава две паралелки со помал број на ученици ќе има и во ООУ „Димитар Влахов“ во Штип.
„ООУ „Димитар Влахов“ Штип бара согласност за формирање паралелки со помал број ученици во учебната 2025/2026 година. И тоа две паралелки во прво одделение, две во петто, една паралелека во шесто, три во осмо одделение и две паралелки во девето одделение.“ – вели Величкова.
Иако, населбата Баби важи за една од поголемите населби во Штип сепак и овде во ООУ „Славјеко Арсов“ ситуацијата со ученици не е сјајна. Директорот вели дека сите ученици се контактирани со цел да се запишат на училиште, но фактичката состојба на терен покажала дека најголем дел од децата се веќе иселени.
Ништо поразлична не е ниту ситуацијата во ООУ „Ванчо Прќе“ и „Тошо Арсов“. И овде ќе се формираат паралелки со помал број на ученици.
Оваа година во штипските училишта се запишани нешто повеќе од 360 првачиња, или за 35 ученика помалку споредбено со лани.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет