Вардар се засили со Јапонец и Аргентинец, Еурофарм Пелистер 2 се засили со ракометар од Франција!

ФОТО: РК Вардар

Македонските ракометни суперлигаши активни на трансфер пазарот – Вардар доведе две странски засилувања.

Станува збор за два средни бека, Јапонецот Харуки Кавада и Аргентинецот Николас Боно, кои ставија потпис на двегодишен договор.

Харуки Кавада е 19 годишен јапонски среден бек кој доаѓа од младинска репрезентација која играше на последното СП во Полска. Таму Јапонија се пласираше во втората фаза и го освои 16 место. Кавада на Азиското првенство минатата година и беше прогласен за МВП. Го најавуваат како еден од идните најдобри играчи на Јапонија.

Во новата сезона на позицијата среден бек ќе настапува и Николас Боно, кој има 27 години и игра за францускиот Истр. Средниот бек потекнува од Балестер од Аргентина, имаше кратка епизода и во бразилскиот Таубате. Играше за шпанските Замора и Синфин, а во тимот од Сантандер даде 140 голови на 29 меча. Потоа се пресели во Шербур, за во актуелнава сезона да го облече дресот на Истр. Боно игра и за националниот тим на Аргентина, а во својата биографија има запишано настапи на првенството на Средна и Јужна Америка 2024, Олимписките игри 2024, како и на Светското првенство 2025.

Повратникот во Суперлигата, екипата на Еурофарм Пелистер 2 се засили со францускиот десен бек Баптист Одифред. Се работи за 26-годишен ракометар кој има настапувано за екипи од Франција, Луксембург и Јапонија.

Станува збор за ракометар висок 199 сантиметри, одличен срелец и ракометар со важна улога и во играта во одбрана. Одифред во Битола ќе биде претставен на почетокот од подготовките на Еурофарм Пелистер 2 на крајот од месец јули.

Новата сезона во ракометната елита на Македонија треба да започне во првата недела од месец септември, а истата број 12 екипи, кои по комлетирањето на регуларниот дел, првите шест играат плеј-оф каде разигруваат за титула и излез во Европа, а пак вторите шест играат во плеј-аутот каде разигруваат за опстанок.

Александар Ванев, М-Нет