
Дебитантот во Првата македонска фудбалска лига, екипата на Арсими од Чегране го закажа стартот на летните подготовки за новата сезона.
Тимот кој испиша историја со тоа што минатата сезона заврши на второто место во Втората лига обезбеди директен влез во Прва лига, па така за првпат во својата историја ќе игра во елитата на Македонија.
Стартот на летните подготовки е закажан за 1 јули, а втората фаза од подготовките ќе се реализира во Охрид, каде ќе се подготвува тимот за дебитанската сезона како прволигаш.
Во следниот период ќе бидат претставени и првите засилувања кај прволигашот од Чегране.
Поранешниот шампион Струга Трим Лум доби нов тренер, се работи за Бледи Шкемби, кој е промовиран како нов шеф на стручниот штаб, а доаѓа како наследник на Илчо Ѓорѓиоски. Шкемби има богата играчка кариера и значително искуство како тренер.
Во стручниот штаб ќе биде и Сабиен Лилај, уште едно име од албанскиот фудбал, а во стручниот штаб остануваат Мертион Гега и Дејан Лескароски кои ќе имаат улоги на помошници.
Македонските прволигаши кои ќе играат во Европа, Шкендија, Силекс, Работнички и Вардар продолжуваат со подготовките, а пак останатите прволигаши се очекува во следниот период да ги стартуваат подготовките.
Александар Ванев, М-Нет