Се раздвижува трансфер-пазарот во мак-фудбалот: Симевски промовиран во Охрид, Беласица го задржа Коцев, нови засилувања во Работнички и Силекс

ФОТО: Александар Ванев, М-Нет телевизија

Пополека започнува да се раздвижува трансфер пазарот во македонскиот фудбал и во Втората македонска фудбалска лига, откако поголем дел од прволигашите се активни.

Второлигашот Охрид за новата сезона го промовираше Андреј Симевски како ново засилување, кој доаѓа од Каменица Саса каде беш најдобар стрелец со 15 постигнати погодоци со што тој беше и меѓу најдобрите стрелци во Втората лига минатата сезона.

За Симевски имаше интерес од повеќе екипи, а тој ја избра понудата од Охрид и стави потпис на договор со клубот од градот покрај Езерото.

Симевски претходно беше дел од Пехчево, Малеш, Слога Виница, Беласица, а настапуваше и за бугарскиот Черноморец Бургас, со што има и меѓународно искуство. Претходно, Охрид се засили со голманот Дамјан Сефаримов и Димитриј Попоски, кои се повратници во Охрид, а во пакет пристигнаа од Брегалница.

Беласица за новата сезона го задржа Александар Коцев, играч кој важи за еден од најдобрите во лигата. Се работи за фудбалер кој има 23 години, а кој веќе има одиграно на 100 натпревар за струмичката фудбалска гордост.

Се работи за офанзивец со визија, техника и борбен дух, а кој останува верен на Беласица, која во новата сезона ќе цели кон местата кои водат кон Првата лига.

Беласица преговара со неколку искусни фудбалери, стратегот Александар Стојанов ја задржа речиси целата екипа, која е млада, а надополнета со некој поискусен играч со што струмичани ќе имаат тим со кој ќе се борат за Прва лига.

Прволигашот Работнички се засили со Босанецот Амир Велиќ, кој во минатото има настапувано за Игман Коњиц, Горажде, Орашје… се работи за 26-годишен централен дефанзивец, а кој со „романтичарите“ се обрза на двегодишен договор.

Прволигашот Силекс се засили со 19-годишниот напаѓач Омар Беровиќ, кој доаѓа од Работнички, а кој е дел од репрезентацијата на Македонија до 19 години, а минатат сезона заврши како најдобар стрелец со 19 гола во младинската суперлига.

Искусниот голман Дејан Силјановски се раздели со Беса, која испадна во Втора лига. 31-годишниот голман е слободен да ја бара својата нова средина каде ќе ја продолжи кариерата, а во минатата покрај за Беса има настпаувано за Љуботен, Македонија ЃП, Тетекс, Саса, Беласица, Борец, Гостивар, Скопје и Воска Спорт.

Александар Ванев, М-Нет