
Наместо стандардно во сабота, натпреварите од последното 30. коло на Втората македонска фудбалска лига ќе се одиграат во недела, а ваквата промена доаѓа бидејќи последното 33. коло на Прва лига ќе се одигра во сабота поради финалето од Купот на Македонија, кое ќе се игра во среда, на 21 мај.
Послендото коло на Втората лига ќе решава кој ќе биде шампион, кои две екипи директно ќе патуваат во Прва лига, а која екипа ќе игра бараж за влез во Првата лига.
Дербито на последното 30. коло ќе се игра во Штип, каде Брегалница ќе го пречека Башкими. Трите бодови се императив и за двете екипи, Башкими нема право на грешка за директен влез во Прва лига бидејќи во секој друг случај Башкими ќе биде трет, ако Арсими триумфира во Неготино.
Брегалница ќе сака триумф пред својата публика и на домашен терен, но многу работи ќе зависат и од одлуките за мечот од 28. коло меѓу Кожуф и Башкими.
Во Автокоманда екипата на Скопје ќе се соочи со Каменица Саса, а тоа ќе биде натпревар каде домашниот тим ќе сака победа за да може сезоната да ја заврши на деветтото место, а пак „рударите“ имаат можност сезоната да ја завршат на петтото место.
Во Кочани екипата на Осогово ќе се соочи со Вардарски, а „жетварите“ пред својата публика ќе бидат фаворити и ќе се подготвуваат за бараж за опстанок.
Детонит Плачковица на домашен терен во Радовиш ја затвара сезоната против Победа, во меч каде радовишани предводени од штипскиот стратег Горан Здравков ќе атакуваат на триумф со цел да го сочуваат петтото место и со триумф да ја завршат сезоната пред својата публика.
Кожуф на домашен терен ќе го пречека тимот на Новаци. Домашниот тим во исчекување на одлуката за мечот со Башкими ќе сака три бодови со цел да биде деветти на табелата, а пак Новаци, со триумф ќе може исто така да заврши на деветтото место.
Во Велес екипата на Борец ќе го пречека тимот на Охрид, каде охриѓани ќе бидат фаворити за триумф и со тоа ќе имаат можност да завршат на петтото место, но ќе зависат од резултатот во Радовиш, бидејќи и Детонит Плачковица е во игра за петото место.
Лидерот Македонија ЃП на домашен терен ќе игра против Беласица и со победа „лавовите“ ќе бидат шампиони во Втората лига и експресно ќе се вратат во Првата лига. Тоа значи дека „лавовите“ зависат сами од себе и сами ќе решаваат за шампионската титула и за Прва лига.
Арсими во последното коло ќе гостува во Неготино кај Вардар, каде тимот од Чегране ќе мора да триумфира и притоа да се надева на кикс на Башкими во Штип и во такви околности Арсими би можел да биде втор и директно да патува во Прва лига. Но, многу работи ќе зависат и за тоа што ќе биде конечната одлука за мечот од 28. коло од Гевгелија.
Александар Ванев, М-Нет