Шампионот Ѓорче Петров се прошета низ Штип откако убедливо го доби Астибо, победи за Чаир и Металург Автокоманда

17-тата рунда од плеј-офот на женската Суперлига не донесе изненадувања. Шампионот Ѓорче Петров забележа убедлива победа над Астибо во Штип и без воопшто мака сосема очекувано забележа висока победа од 19:43.

Победата беше најавена уште во првиот дел кога резултатот беше 11:26, а на почетокот од мечот Астибо имаше ритам, се до 7:10 кога потоа „лавиците“ се одлепија и направија недостижна разлика за штипските ракометарки.

Квалитетниот ростер и големата клупа за ротација е уште една причина за големиот пораз на Астибо во плеј-офот сегментот каде штипските ракометарки се натпреваруваат со најквалитетни екипи во Македонија.

Искусната Марија Анчева стандардно одново беше најдобар стрелец со осум гола во таборот на Астибо, а ја следеше Наталија Манева со четири реализации, кај Ѓорче Петров најдобра беше Емилијана Ризоска со 14 гола.

Чаир ги собра бодовите во „Перо Наков“ откако со 30:36 славеше сигурна победа над Куманово на гостински терен. Чаир одлично го отвори мечот, кога имаше 2:6, а потоа домашниот тим успеа да ја подобри играта и да дојде до негатива од два гола на полувреме за 15:17. Во вториот дел одново Чаир тргна одлично и направи разлиак која на крајот беше и клучна за победа од 30:36.

Мила Мемов кај Куманово беше прво име со шест погодоци, кај Чаир најдобра беше Теодора Дукоска, а пак штипјанката Габриела Величковска имаше четири гола.

Металург Автокоманда забележа огромна победа од 22:30 над Вардар. Победникот беше решен во првиот дел кога резулатот беше 10:19, па во вториот дел се играше на рутина.

Леона Миленковска се истакна кај Вардар со седум гола, кај Металург Автокоманда прво име беше Марија Јанкуловска со осум гола.

Александар Ванев, М-Нет