Брегалица забележа важна победа, Детонит Плачковица во меч со пет гола преку пресврт го доби Охрид, реми без голови во Автокоманда

Брегалница со минимални 1:0 триумфираше над Беласица во рамки на вонредното 28. коло на Втора лига со погодокот на Стефан Бабунски кој беше постигнат рано од мечот кој се играше во Штип, а потоа мрежите мируваа.

„Честитки пред се на победата на Брегалница, еден фер и коректен натпревар, кој според мое мислење не требаше да оди во тој колосек премногу жолти картони за еден натпревар којшто немаше таков интензитет. Примивме рано гол и додека се соземеме, додека ја наметнеме нашата игра, мислам дека после примениот гол се консолидиравме и на некој начин воспоставивме рамнотежа во играта. Мислам дека до полувреме Брегалница беше поконкретен противник, поседот беше на нивна страна, на полувреме се договоривме некои работи и мислам дека второ полувреме излеговме малку похрабро. Факт беше дека имавме и тројца повредени играчи од прв состав, тие недостасуваа односно влегоа при крајот на мечот. Воспоставивме рамнотежа и можам да кажам дека некаде после 60 минута бевме и подобар противник. Притисокот беше на страната на Брегалница секако“, вели Александар Стојанов, тренер на ФК Беласица.

Тренерот на Беласица им ја честиташе победата на фудбалерите на Брегалница и им посака среќа во завршетокот од сезоната.

„Пред се уште еднаш да им честитам на победата, да стигнат таму каде што им е зацртано ако можат и овој бараж ако им е достижен да го престигнат. Сепак да навиваме и ние за нив како наши комшии без разлика што во Штип беше некој дерби натпревар на два поранешни прволигаши. Им честитам од се срце и од името на клубот и да буквално да стигнат таму каде што посакуваат“, дополнува Стојанов.

Тренерот на Беласица го искоментира и моментот со добивањето црвениот картон.

„Би искоментирал за црвениот картон, значи можеби ми беше престрого доделен првиот жолт картон, не реагирав на начин како што мислеа судиите, но пред се мораме да ги почитуваме, за нивните одлуки други се одговорни. Потоа изненаден, можеби и од моја страна беше премногу еуфоричен беше говорот од моја страна, сепак се извинувам фудбалот е тој во жарот на борбата некогаш и тренерите ние не можеме да се исконтролираме и тоа нека биде и за мене некое школо за понатаму да посмирено го доживееме и поразите и победите“, дополнува Стојанов.

Екипата на Осогово дојде до победа од 2:0 на домашен терен над Новаци на домашен терен, а единствен меч кој заврши без погодоци беше тој во Автокоманда каде Скопје и Победа одиграа 0:0.

Каменица Саса со убедливи 1:4 славеше над последнопласираниот Вардарски во Богданци, додека пак Арсими преку пресврт во Велес го доби Борец со резултат 2:4, а каде гол за тимот од Чегране постигна штипјанецот Бобан Георгиев.

Во Радовиш беа постигнати пет гола за триумф на Детонит Плачковица преку пресврт над Охрид од 3:2.

Екипата на Башкими со гол во 94. минута го доби Кожуф преку пресврт со 1:2 во Гевгелија, но тој гол крена многу прашина, за што реагираше и ФФМ и најави дека ќе ја прдолжат борбата за чист фер-плеј во спортот, но и министерот за спорт Борко Ристовски, кој најави дека ќе се почекаат извештаите од ФФМ и доколку се потврдат сомнежите на клубовите Кожуф и Башкими по итна постапка ќе им биде одземена дејноста спорт.

Во однос табелата на врвот е Македонија ЃП е прв асо 63 бодови, Арсими е втор со 61 бод, Башкими е трет со 60 бодови, а пак Брегалница е четврта со 55 бодови.

Но, не е исклучена можноста за промени на табелата, зависно дали би било и доколку има, какви би биле санкциите за Кожуф и Башкими.

Александар Ванев, М-Нет