
Премиерот Мицкоски ќе оствари средби со семејствата на починатите и повредените од пожарот во дискотеката во Кочани. Како што посочи тој на дневна основа се разговара и се решаваат проблемите со кои се соочуваат семејствата на настраданите. Ова е работа која ќе се решава со години, вели Мицкоски, но е приоритет за Владата.
„Планирам во следниот период лично да се сретнам и да поразговараме. Ние на дневна основна разговараме и решаваме проблеми со случувањата во Кочани. Еве конкретно за дечињата кои се враќаа од Анкара кои имаа непријатна ситуација на аеродромот во Истамбул, лично разговарав со еден од родителите и со претседателот Ердоган и се среди целата работа. Оваа работа ќе трае со години, оваа работа нема да биде работа која завршува“ – вели Мицкоски.
Во врска со истрагата за пожарот во Кочани, Мицкоски повтори дека нема да се меша во работата на обвинителството. Додаде дека ситуацијата се следи секојдневно преку МВР, и соодветно се постапува.
„Обвинителството ја води истрагата, не ја води Владата, не ја водам јас. Ние преку МВР постапуваме на основа на барање на обвинитеството. Тоа што обвинителството го има како барање тоа е исполнето во истиот момент. Јас нема да се мешам во истрагата“ – додаде Мицкоски.
Во кочанската дискотека во пожарот на 16 март, животот го изгубија 62 лица, а околу 200 беа повредени. Дел од нив беа испратени на лекување во странство.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет