
Екипата на Башкими ја продолжува борбата за директен влез во Првата македонска фудбалска лига, на четири кола до крајот тимот од Куманово се подготвува максимално за враќање во фудбалската елита.
Првиот предизвик ќе биде веќе утре против Скопје на домашен терен, а Башкими гледа само три бодови од овој меч.
„Во сабота и не само сабота имаме уште четири многу важни натпревари, да кажам финалиња, но во сабота е еден од најважните натпревари за нас оваа сезона, каде што со помош на публиката и навивачите сакаме да стигнеме до победата и да ја исполниме целта на клубот, на навивачите, на градот, на нас играчите, на сите, а тоа е влез во Прва лига. Така да во сабота ќе дадеме 100 посто од нас да го победиме тој натпревар и да продолжиме понатаму каде што почнавме“, вели Христијан Митревски.
Митревски е еден од клучни играчи во тимот на Башкими кој го предводи младиот стратег Баже Јанакиевски.
„Ќе гледаме да ги израдуваме навивачите, јас мислам дека не е важно кој ќе постигне гол, важно е Башкими да победи и да оди напред“, додава Митревски.
Натпреварот со Скопје е многу важен за фудбалерите на Башкими, искусниот голман Амир Јашар очекува поддршка од публиката и навивачите да бидат ветер во грб за да дојдат до победа над Скопје.
„Сконцентрирани 100 проценти од прв до последен знаеме колку е важен овој натпревар, не’ чекаат четири натпревари, од кои првата пречка ни е токму Скопје. Со апел до сите навивачи, публика да се мобилизираме сабота во голем број, 12-ти наш играч, да не поддржат и со победа да атакуваме кон Првата лига. Башкими е клуб кој има за цел ова година да биде таму каде што заслужува, организиран, со поткрепа на добра управа, публика и секако со нашите навивачи кои ни даваат дополнителен мотив“, вели голманот на Башкими, Амир Јашар.
Натпреварот меѓу Башкими и Скопје се игра утре во Куманово со почеток од 16 часот.
Александар Ванев, М-Нет