„Лавиците“ не видоа мака против штипски Астибо, Металург Автокоманда пресилен, Овче Поле забележа домашна победа!

Шампионот Ѓорче Петров не виде мака за убедлива победа против Астибо од Штип, откако во меч од 12. коло на плеј-оф на Суперлигата славеше со резултат од 43:17. Ризоска и Коларовска со по седум гола беа најдобри кај „лавиците“, кај Астибо стандардно Марија Анчева беше најдобра со девет гола, Вучевска имаше четири.

Металург Автокоманда го декласираше Вардар со резултат од 30:19, во првиот дел вардарки се држеа и имаа негатива од 13:10, но во вториот дел Металург Автокоманда беше пресилен.

Бојана Коцева со седум гола беше прво име кај победничката екипа, кај Вардар со седум гола се истакна Леона Миленковска.

Ракометарките на Чаир со 36:31 го добија Куманово, но се намачија, откако на полувреме резултатот беше 18:18. Победата беше решена во вториот дел кога домашниот тим направи осетна разлика. Теодора Дукоска со десет гола беше најдобар стрелец кај домаќинот, кај гостинот најдобра беше Сузана Зечевиќ со осум гола.

Во плеј-аут сегментот се одиграа натпреварите од 6. коло каде Пелистер со 35:11 го декласираше тимот на Шампион во меч каде Моника Босиловска постигна 17 гола за победничкиот тим.

Овче Поле со 27:20 го доби натпреварот со Ѓорче Петров 2 на домашен терен, а пак Спартак загуби од Деспина со 31:33. Слободна беше екипата на Стружанка.

На плеј-оф табелата Ѓорче Петров е прв со 25 бодови, Металург Автокоманда е втор со 19 бодови, трет е Чаир со 17 бодови. На делба на четвртото место се Вардар и Куманово со по 7 бодови, Астибо е последен без бодови.

На врвот од плеј-аут табелата е Деспина со 11 бодови, Пелистер е втор со девет, по осум бодови имаа Спартак и Овче Поле за делба на третото место, Ѓорче Петров 2 е на петтото место со шест бодови, Стружанка е шеста со три бода и на дното е Шампион без бодови.

Александар Ванев, М-Нет