
Сите спортски настани кои денес беа закажани се одложуваат поради големата трагедија која се случи ноќеска во дискотека во Кочани, каде има најмалку 50 загинати.
Фудбалската федерација на Македонија ги одложи сите денешни натпревари во сите конкуренции.
„Длабоко сме потресени од трагичната несреќа во Кочани во која настрадаа многу млади луѓе. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се со семејствата и блиските на настраданите. Изразуваме најискрено сочувство и поддршка. Фудбалската федерација на Македонија ги одложува денешните натпревари во сите конкуренции“, се вели во соопштението на ФФМ.
Поради овој трагичен настан се откажуваат односно се одложуваат и останатите спортски настани и натпревари, не само фудбалските. Денес простор за спорт нема.
„Одбојкарската федерација на Македонија длабоко сочувствува со семејствата и настраданите во големата трагедија во Кочани. Нашите мисли и молитви се со нив во овие тешки моменти! ОФМ ги одложува денешните натпревари во сите категории“, се вели во соопштението на Одбојкарската федерација на Македонија.
Спортските клубови преку нивните страниците и профили на социјалните мрежи изразуваат сочувство до семејствата на загинатите.
Колегите од информативната редакција на М Нет телевизија се во Кочани од каде подетално ќе информираат во текот на денешниот ден за оваа голема трагедија која се случи во Кочани.
Александар Ванев, М-Нет