
Нешто над 700 метри кубни отпад се депонирани на кочанската депонија од соседните општини во месец февруари. Согласно пресметките на Општина Кочани, во месец февруари општините Виница, Чешиново – Облешево и Зрновци заедно исфрлиле 712 метри кубни отпад. Според договорот кој го потпишаа градоначалниците, за еден метар кубен треба да се плати по 220 денари. Општина Виница со 480 метри кубни отпад, на Општина Кочани треба да и плати 105 600 денари за месец февруари, Чешиново Облешево за 144 метри кубни, 31 680 денари, а Зрновци за 88 метри кубни 19360 денари. На овој начин ќе се одржува чиста градската депонија во Кочани, а притоа нема да се создаваат диви депонии во останатите општини.
Градоначалникот на Општина Зрновци, Борчо Коцев, потенцираше дека договорот се почитува во целост.
„Договорот во пракса се спроведува во целост. Од 16 илјади до 20 илјади месечно се плаќаат за депонирање на отпад од 80 до 100 кубика месечно. Изградбата на регионалната депонија во светиниколско значи трајно решавање на проблемот со создавањето на диви депонии, навремено собирање, транспортирање и складирање на отпадот, а со тоа создавање на еколошки здрави животни средини“ – вели Коцев.
Со потпишување на договорот се исчисти ѓубрето и од Општина Виница, потенцираше градоначалникот Миле Петков. На месечно ниво ќе се плаќаат фактурите на КЈП Водовод Кочани.
„Со потпишување на договорот меѓу Кочани и четирите општини од регионот мислам дека состојбата во нашата општина е веќе стабилизирана. Тоа беше во месец февруари и сега редовно се депонира на депонијата во Кочани“ – вели Петков.
Во меѓувреме, во Кочани изминатиот период се работеше на расчистување на мали мини депонии кои беа создадени.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет