
Утре се играат натпревари од вонредното 22. коло на Првата македонска фудбалскал лига. Скопско дербито ќе се игра меѓу Работнички и Вардарски каде императивот за трите бодови е висок и каде и „романтичарите“ немаат право на грешка за титулата, а пак „вардарци“ за опстанокот.
Беса на домашен терен ќе бара конечно триумф против фаворитот Силекс. Тимот од Добри Дол и натаму нема пролетен триумф, а во тешката борба за опстанок тој е неопходен, а гостинот од Кратово нема право на грешка ако сака да биде во чекор со лидерот Шкендија.
Пелистер на домашен терен ќе игра против Воска Спорт, каде ќе има повеќе од неизвесен натпревар со оглед на тоа што Воска Спорт игра одлично во пролетниот дел и со триумф ќе направи сериозен чекор за опстанок, а пак Пелистер на домашен терен и пред своја публика ќе сака победа со цел да биде сигурен во средишниот дел од табелата.
Големо дерби покрај езерото ќе се игра меѓу шампионот Струга кој е во голема резултатска криза и промени тренер против лидерот Шкендија. Ова е меч каде сега веќе новиот тренер Илчо Ѓорѓиоски ќе треба да го пронајде патот за конечен триумф на стружани, бидејќи со нов неуспех може да бидат и шести на табелата.
Токму Шкупи е тој кој што може да избие на петтото место ако успее да ги собере трите бодови во Кавадарци против Тиквеш, кој е претпоследен на табелата и е во опасната зона за испаѓање и каде практично го очекува повеќе од тешка борба за опстанок.
Брера Струмица на домашен терен ќе има одново тежок меч против фаворитот Гостивар. Струмичани под водство на новиот тренер Тони Атанасов никако да победат во пролетниот дел од шампионатот и брзо тонат кон зоната за директно испаѓање. Гостивар кој сака титула и излез во Европа нанижа две ремија и веќе не смее да направи кикс, па затоа во Струмица гледа само три бода како цел.
Сите натпревари ќе започнат во 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет