
Советот на јавни обвинители објави оглас за избор на вкупно 47 јавно обвинителски места низ повеќе Основни јавни обвинителства на територија на целата држава.
Од нив се бараат три јавни обвинители во Штип, по еден во Делчево и Кочани.
На огласите се очекува да се пријават кандидатите од осмата генерација на Академијата на судии и јавни обвинители, на кои вчера им беа доделени уверенија за успешно помината почетна обука.
Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, појасни дека се објавува оглас за избор на 14 јавни обвинители во ОЈО Скопје, четири во ОЈО Тетово, по три во ОЈО Куманово, Охрид, Прилеп и Штип, по две во ОЈО Гевгелија, Битола, Гостивар, Кичево и Струмица и по едно во ОЈО во Крива Паланка, Велес, Ресен, Струга, Радовиш, Делчево и во Кочани.
Алармантна е состојбата, моментално недостигаат околу 100 јавни обвинители, така што оваа бројка од 47, секако ако се јават, би ја ублажила состојбата во одредена мера, изјави Димитриеска.
Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ вчера ги додели уверенијата на кандидатите за судии и јавни обвинители од осмата генерација во почетната обука на Академијата. Како што информираше директорката на Академијата, уверенија добија вкупно 97 кандидати, од кои 50 се судии, а 47 јавни обвинители.
Лаура Стојанова М-Нет