
Ако некој човек ја изгубил раката, ногата, способноста да гледа или слуша, не ја губи способноста да чувствува, размислува, да носи одлуки. Лицата со попречност треба активно да се вклучат во општеството, да се вработуваат и да придонесуваат за својата околина – оваа јасна порака се испрати денеска до сите граѓани, на Меѓународниот ден на Лицата со попречености.
„На овој ден ќе испратиме јасна порака – ако некој човек ја изгубил својата рака, нога, способноста да оди, да зборува, да гледа, да слуша или се соочува со некој друг тип на попреченост, истиот тој човек не го изгубил своето образование, способноста да чувствува, да размислува, да носи одлуки, да одлучува. Затоа лицата со попреченост се исто толку добри родители, пријатели, колеги, вработени како и лицата без попреченост само дајте им шанса за поактивно учество за општествениот, социјалниот и политичкиот живот. За жал предрасудите и бариерите сѐ уште постојат и во 21 век.“ – вели Џамбазова -Јанкова.
Локалната самоуправа со проекти за подобрување на инфраструктурата работи на подобрување на условите на лицата кои имаат некаков вид на попреченост. Јорданов посочи дека тие треба да бидат вклучени во самото општество.
„Се трудиме да ја прилагодиме инфраструктурата за секојдневните потреби на лицата со одреден вид на инвалидитет, но секако дека вклучувањето во системот е нешто кое е крајна цел затоа што можеби овие лица имаат некој вид попреченост, но од друга страна имаат компетентност и да бидат вклучени во системот и општеството“ – вели Јорданов.
Во склоп на одбележување на денешниот ден во спортската сала Јордан Мијалков во Штип се организираа и спортски игри под мотото „Спорт за сите“. Учество зедоа дечињата од Ванчо Прќе, од Искра, Порака како и децата од дневните центри во Штип.
„Со овој настан денес ја прославуваме силата, издржливоста и неограничениот потенцијал кој го имаат овие лица. Преку нивните уникатни способности тие го редефинираат она што значи да се триу,мфира над предизивицте. Лицата со попреченост заслужуваат почит, достоинство и вклученост.“
Целта на ваквите активности е да се подигне свеста кај граѓаните кога се во прашање лицата со попреченост, истите да може да се вклучат во заедницата, општеството да се вработуваат и да одлучуваат.
Лаура Стојанова М-Нет