
Годинава Светскиот ден на планината ќе се одбележи на Пониква во организација на Федерацијата на планинарство и Планинарско спортскиот клуб Осогово.
„Постои светски тренд на што помасовно одбележување на Светскиот ден на планината од страна на планинарите и борците за заштита на природните богатства и биодиверзитетот. Логично е Македонија да биде дел од оваа иницијатива, со оглед на тоа дека сме меѓу првите земји во светот по покриеноста на државната територија со планини. Освен од спортски и планинарски аспект, ние сакаме да ставиме акцент и на заштитата на биодиверзитетот на Осогово, како заштитено подрачје, вели Стојка Иванова Антова, планинарски водич, организатор и секретар во ПСК Осогово.
Настанот ќе се одржи на 8. декември со почеток од девет часот, а Федерацијата на планинарство има предвидено масовен планинарски марш.
„Ќе се движиме по кружна планинарска патека, каде првиот дел е претежно низ шума, а вториот дел е отворен. Патеката води до врвот Панаѓур со 1669 метри, кој е највисоката точка на Пониква. Патеката е со должина од 7 км, елевација 300 метри, и вкупно пешачење од 4 часа“ додава Иванова Антова.
Планинарскиот клуб Осогово е меѓу најуспешните во државата, чии членови ги имаат искачено највисоките врвови во Европа, Африка, Аљаска и Јапонија.
Генералното Собрание на Обединетите Нации од 2003 година го назначи 11 декември за Светски ден на Планината. Македонија брои околу 70 планини и има голем потенција за планински спортови.
Александар Ванев, М-Нет