Нечиста и смрдлива е водата за пиење во Радање тврдат жителите, надежните со став дека е исправна

Некогаш ја има, некогаш не, ама и кога ја има не е за пиење оти е нечиста – жителите од село Радање, карбинско во 21 век се оставени без чиста вода за пиење. Велат дека ова е проблем со кој се соочуваат долго време и за кој решение се уште нема. Најголемите проблеми се кога заврне дожд, па водата е со кал и потребни се денови за да се исчисте. Некои од нив вода купуваат, други одат во околните села и полнат од природните чешми. Но, велат неисплатливо е во денешно време секојдневно да се купува вода за пиење, а таа од чешмите не може да се користи ниту за завршување на основните работи. Велат надлежните се запознаени со проблемот, но никој не презема активности за решавање на истиот.

„Со водата, никако, кога има вода, кога нема. И тоа што има мирише, смрди. Кога заврне талог, никој не води ред, секој си го гледа само својот интерес.“ – велат жителите од село Радање.

Каква е водата за пиење во село Радање прашавме во ЈП Плачковица. Директорката Елена Коцева преку писмен одговор истакна дека водата е исправна за пиење и дека постојано се прават контроли за проверка на исправноста.

„ЈП Плачковица Карбинци тврди дека водата во село Радање како и во сите населени места кои се снабдуваат од системот на ЈП Плачковица е исправна за пиење, редовно се прават анализи за испитување на исправноста на водата. Водата од ХС Злетовица е пуштена во пробна употреба во село Радање со што во целост е стабилизирано водоснабдувањето“ – вели Коцева.

Со приклучувањето на Карбинци на ХС Злетовица во целост треба да се нормализира водоснабдувањето во осум населени места.

Лаура Стојанова М-Нет