
Синоќа во Кочани беше извлечена ждрепката за новата сезона во Третата македонска фудбалска лига – Исток, во која наместо 12 екипи како што првично беше најавено, учество ќе земаат десет или односно две помалку, откако екипите на Рудар од Пробиштип и Граничар Спорт од село Ново Коњарево, општина Ново Село, струмичко се откажаа и не пријавија учество во новата сезона. Пробиштип во новата сезона 2024/2025 останува без фудбал.
Во новата сезона ќе се натпреваруваат екипите на Брегалница од Делчево, Дојранско Езеро, Карбинци, Малеш, Овче Поле, Слога од Виница, Светлост од Зрновци, Тиверија, Ударник и Хоризонт Турново, како што синоќа објавува телевизија М Нет од Кочани.
Ждрепката посака во првото коло да се соочат Дојранско Езеро со Хоризонт Турново, Карбинци ќе биде домаќин на Ударник, Овче Поле тргнува против новајлијата Светлост од Зрновци, Малеш дома отвара против Слога Виница, а пак Тиверија дома ја чека Брегалница. Новата сезона ќе започнува на 15. септември, а во истата ќе се одиграат вкупно 18 кола.
Слога Виница е прв и главен фаворит за враќање во Втората лига, а нови екипи се Брегалница од Делчево која се враќа по една сезона пауза, екипата на Хоризонт Турново која во минатото беше и вицешампион на Македонија и играше во квалификации за европските натпреварувања се враќа во сениорскиот фудбал по неколку години пауза, а Светлост Зрновци како шампион на ОФЛ Кочани обезбеди место за новата сезона во Трета македонска фудбалска лига – Исток.
Александар Ванев, М-Нет