Колку заработуваат македонските фудбалски судии, а колку во регионот?

ФОТО: Телевизија М Нет

Ако се направи споредба на заработувачката на македонските судии и на судиите во Европа, разликата е голема.

Најмногу заработуваат судиите во Шпанија, таму за еден натпревар главниот судија заработува 6.150 евра, неговите помошници заработуваат 3.000 евра, судиите во ВАР собата по 3.500 евра по натпревар.

Во Македонија во Прва лига главниот судија заработува 10.600 денари или 172 евра по натпревар, помошниците заработуваат 9.600 денари, четвртиот судија заработува 5.100 денари, додека пак контролорот во Првата лига заработува 5.000 денари по натпревар, а 4.000 денари заработува делегатот.

Проблемот со македонската лига е што нема главен спонзор, па клубовите и Федерацијата го делат трошокот, а овој сегмент е опфатен во многу истражување и анализи на медиумите од регионот. Приближно две третини од трошоците се на товар на клубовите.

Ако се спореди заработувачката на главниот судија во Македонија и во Шпанија, ќе се види дека шпанскиот арбитар од Ла Лига за 90 минути ќе заработи колку македонски арбитар за цела сезона.

Во фудбалската елита на Хрватска, главниот судија добива 450 евра по натпревар, помошниците по 280 евра, четвртиот судија 110 евра, ВАР судијата 270 евра, додека пак АВАР по 135 евра.

Во однос на Првата лига во Хрватска или втора по ранг на натпреварување главниот судија добива 170 евра, а пак во Третата лига во Хрватска главниот судија добива 110 евра.

Во Втората македонска фудбалска лига главниот судија заработува 8.600 денари по натпревар, помошниците по 7.600 денари, а четвртиот судија добива 5.100 денари. Контролорот има 1.000 денари помалку во однос на контролорот во Прва лига или 4.000 денари, а пак делегатот 3.300 денари.

Според истражувањата на медиумите во региониот, во Грција главниот арбитар за секој натпревар добива по 1500 евра, во Србија во Суперлигата главниот судија заработува по 460 евра од натпревар, а неговите помошници по 270 евра, додека пак четвртиот судија 110 евра. Делегатот во Србија заработува 170 евра, а контролорот 150 евра, додека пак ВАР судијата 210 евра, а пак АВАР судијата 145 евра.

Во Бугарија главниот судија заработува 500 евра по натпревар, а неговите помошници по 400 евра. Четвртиот судија има 200 евра, ВАР судијата 175 евра, неговиот асистент 50 евра.

Во Унгарија главниот судија добива 410 евра, неговите помошници 240 евра, а четвртиот судија 135 евра. Во Словачка главниот судија добива 750 ера, а помошниците околу 550 евра, во Чешка главниот судија заработува околу 1.000 евра.

Во Македонија нема ВАР, а со тоа нема ни ВАР судии. Но, ако се споредиме со регионот македонските судии се на дното по заработувачка.

Александар Ванев, М-Нет